Најмалку десетмина загинаа во поплавите што го погодија централниот италијански регион Марче. Повеќе лица се водат како исчезнати, меѓу нив и деца, јави радиото РАИ.
– Тоа не беше водена бомба, туку цунами, изјави градоначалникот на Барбара, Рикардо Пасквалини за државното радио, опишувајќи го невремето што го погоди градот во регионот Марче, близу Јадранскиот брег.
Над 300 припадници на службите за вонредни состојби влегуваа во вода до појасот или се пробиваа со гумени чамци, со цел да спасат граѓани. Соопштено беше дека се евакуирани десетици лица од автомобили, од кровови на куќи и од дрвја. Во некои области при спасувањето беа ангажирани и хеликоптери.
На видеа може да се видат како припадници на службите за вонредни состојби во чамци спасуваат луѓе во крајбрежниот град Сенигалија, што исто така е тешко погоден.
За време на посета на поплавен регион, италијанскиот премиер Марио Драги изјави дека ризиците од поплави станале „итна ситуација со климатските промени“. Тој ќе бара мерки за превенција, вклучувајќи и вложување во инфраструктурата.
– Тоа, исто така, значи борба против климатските промени, подвлече Драги.
Поплавите во петокот го зафатија подрачјето Марче. Некои градоначалници од тешко погодените градови тврдат дека немало знаци дека може да дојде до нешто толку екстремно.
Италија е доста чувствителна на климатските промени, затоа екстремните временски случувања не се ретки. Во август минатата година, температурите во земјата достигнаа 48,8 степени Целзиусови, со што е соборен европскиот рекорд. На почетокот на јули, 11 лица загинаа кога се откина огромна маса мраз од глечер на северната страна на планината Мармолада на Доломитите, предизвикувајќи лавина. Летово морето околу Италија беше пет степени потопло од просекот.
– Можно е навистина топлото море да ја предизвикало бурата, посочи Лука Меркали, претседател на Италијанското метеоролошко друштво.
Тој беше меѓу научниците кои во август започнаа петиција, потпишана од над 120.000 луѓе, повикувајќи ги политичките лидери климатската криза да ја стават како приоритет во своите изборни програми.