Македонија и Охриѓани на 11 октомври ќе го слават востанието против бугарскиот фашистички окупатор, а на 7 октомври ќе се слави името на поробувачот.
На 7 октомври во Охрид ќе се отвори новиот бугарски културен центар што го носи името на Цар Борис III.
Специјален гостин на отворањето ќе биде бизнисменот и филантроп д-р Милан Врабевски, со чија финансиска помош е отворен клубот.
Најава за отворањето на бугарски културен клуб со името Цар Борис III предизвика многу полемики во македонската јавност. Се дозна дека охридскиот клуб бил отворен без позитивно мислење од Министерството за правда, но со писмена дозвола од синот на Царот Борис III, Симеон Саксобурготски, поранешен премиер на Бугарија.
Во бугарската историографија Борис III е познат и како „Цар Обединител“, зашто во соработка со Силите на оската во Втората светска војна Бугарија сe проширува во границите на Санстефанска Бугарија. Тоа трае кратко, до капитулацијата на Бугарија.
Бугарската историографија тврди дека Борис III и бугарската црква помогнала да се спасат бугарските Евреи од концентрационите логори. Но, во Треблинка ќе завршат речиси сите Евреи од Македонија, за што директно е одговорна бугарскиот фашистички окупатор.
Интересно е декла кратко по враќањето во Софија од средба со Адолф Хитлер, Борис III починал од инфаркт на 28 август 1943 година. Според дневникот на тогашниот германски аташе во Софија, полковник фон Шунебек, двајцата германски доктори кои се грижеле за царот сметале дека тој починал од истиот отров кој наводно бил пронајден две години претходно, во постхумното испитување кај грчкиот премиер Јоанис Метаксас. Тоа бил отров кој делувал бавно и за кој потребни биле неколку недели да предизвика смрт.
Во биографијата на Цар Борис III не најдовме ниту еден битен 7 октомври. Зошто тогаш бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид се отвора токму на овој датум?
На 11 октомври, само четири дена по отворањето на Клубот, во Охрид, како и во целата земја, ќе се прослави Денот на востанието токму против бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна. Од тие причини, се смета дека 7 октомври е избран намерно, бидејќи тоа ќе биде нова бугарска провокација во Македонија, пишува плусинфо.