Папата Франциск денеска „го замоли“ рускиот претседател Владимир Путин „да ја запре спиралата на насилство“ во Украина и изрази длабоко жалење за анексијата на украинските региони, што е „спротивно на меѓународното право“.
Од плоштадот Свети Петар во Ватикан, папата му се обрати на рускиот претседател молејќи го „меѓу другото, од љубов кон сопствениот народ да престане со оваа спирала на насилство и смрт“.
За првпат од почетокот на конфликтот во Украина, на 24 февруари, папата Франциск во свој говор експлицитно го спомена рускиот претседател.
Светиот отец за првпат зборуваше и за руската анексија на украинските територии, осудувајќи ги „овие последни потези што се во спротивност со принципите на меѓународното право“.
-Длабоко жалам за сериозната ситуација што беше создадена во последните денови (…) Тоа го зголемува ризикот од нуклеарна ескалација до степен што постои страв од катастрофални последици надвор од контрола на глобално ниво, рече тој.
Папата, исто така, упати силен апел до украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи го да биде „отворен за сите сериозни предлози за мир“.
Осудувајќи го уште еднаш „лудилото“ и „ужасот“ на војната, папата Франциск инсистираше на почитување на светоста на човечкиот живот и на „суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја земја“.
Светата столица од 24 февруари и почетокот на инвазијата врз Украина се обидува да одржи чувствителна дипломатска рамнотежа со двете земји. Претходно, папата ја осуди „суровата и бесмислена“ војна, оставајќи ја отворена можноста за дијалог со Москва.