Mинистерот за образование, Јетон Шаќири, кој беше во посета на Битолскиот универзитет и новиот ректор Игор Неделковски по повод почетокот на новата академска годинa, порача дека во најскоро време ќе се формира Совет кој ќе треба да го реши проблемот со учебниците и во основно и во средно образование, зашто сите работи не зависат од Министерството.
-Проблемот со учебници не е само во основно, туку и во средно обарзование. Мислам дека во најбрзо време ќе се оформи еден вид совет за целиот проблем, кој не е само за оваа година, туку за конечно да се најде решение и за основно и за средно училиште. Во процесот на средно образование ние повеќе години сме во фаза на подготовка на нови закони. Гледам, треба да формираме Совет кој ќе ги координира сите работи зашто сите работи не зависат само до Министерството туку и од Бирото за образование и други институции, изјави Шаќири.
Тој порача дека очекува овој и следниот месец да завршат сите процеси за учебници и во Националната комисија, како и во процесот на печатење, за учениците од основно училиште кои учат по нивиот концепт да не се без материјали.
-Како Национална комисија на учебници веќе имаме одобрени учебници, веќе завршува процесот на жалби за економскиот оператор. Како што ќе заврши процесот на одобрување учебници, очекувам во октомври и ноември сите процеси за учебници да завршат и во Националчната комисија и во процесот на печатење. Јас во месец јуни, кога увидов дека имаме процес кој нема да биде краток, а ќе биде долг, побарав од Бирото да се подготват подготвителни материјали кои се доставени до основците од прво до петто одделение, изјави Шаќири.