Владата најдоцна до 5 октомври 2022 година, за кога е закажана седницата на Економскиот совет, да донесе мерки кои ќе го ублажат силниот ценовен удар, апелира Стопанската комора.
Според Комората, бизнисот има една алтернатива – или државата ќе помогне или ќе се затворат капацитеите.
-Ова е критичен момент. Брзината на реакцијата е пресуден фактор за зачувување на макроекономската и на буџетската стабилност на државата. Ситуацијата во која се наоѓа стопанството е сериозна со оглед на високите сметки за електрична енергија, зголемени до шест пати, за што ниту една компанија не е виновна. Повеќе од 1 600 правни субјекти кои се наоѓаат на слободниот пазар на 30.9.2022 година беа анкетирани и рекоа дека се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Почнат е процесот на намалување на вработените, редуцирање на производството и на затворање на капацитетите. Ескалацијата ќе биде во наредните два месеца кога се склучуваат договорите за снабдување со струја за наредната година, наведува Комората во денешното соопштение и додава дека нема регистрирано ниту една земја во регионот и пошироко која не им помогнала на своите компании.
Стопанската комора оценува дека фирмите, оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат, излез бараат во враќањето на регулираниот пазар.
-Комората регистрира случаи на правно преструктуирање (делење на фирмите за да се исполнат условите за влегување на регулираниот пазар), што може да доведе до сериозни последици за сиот енергетски систем, исто како и за отпуштените работници, кои, иако дома имаат субвенционирана цена на струјата, нема да можат да ја платат, наведува Комората.
Воедно укажува и дека без државна поддршка 10-те најголеми потрошувачи на електрична енергија, кои имаат 6.000 вработени, приход од една милијарда евра, наредната година, според овие цени, би требало да платат половина милијарда евра, со што ќе се наруши нивната конкурентност и ќе се удри врз темелите на македонската економија.
За другите компании на слободниот пазар Комората сугерира, врз основа на сите компаративни анализи, да добијат определена базна цена над која државата би ги покривала трошоците и со тоа би се создале неопходните претпоставки за некаква предвидливост, која е основа на бизнисот.
-Барањата се оправдани и економски издржани за да се зачува ценовната конкурентност на македонските производи, во услови кога за мегават час Србија има цена од околу 100 евра, Босна и Херцеговина – 65 евра, Косово – 70 евра, Бугарија има поставена лимит-цена од 128 евра, износ над кој трошокот го покрива државата, Романија има цена од околу 180 евра, а Грција прогнозира максимално ниво на цена од 220 евра за мегават час, со субвенционирање на другиот дел од реалната вредност на цената на струјата. Исто така, ова апсолутно не е момент за каков било дополнителен фискален товар за бизнис-секторот во однос на државата, без оглед на тоа дали станува збор за промена на постојните даноци, воведување нови даноци или за укинување на даночни ослободувања, нагласува Комората.
Комората ги цени напорите на сите субјекти во државава кои се трудат да му помогнат на бизнисот, но, исто така е свесна, како што пишува, и за состојбите на глобално и на регионално ниво.
-Затоа цениме дека е потребно да ги известиме сите меѓународни коморски институции во кои членуваме и да побараме помош од нив. Не исклучуваме и други мерки кои ќе бидат преземени во однос на потребите, истакнува Стопанската комора.