Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го надгледуваше лансирањето на две стратешки крстосувачки ракети со долг дострел.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го надгледуваше лансирањето на две стратешки крстосувачки ракети со долг дострел, што тој ги нарече „тест за потврда на веродостојноста и функционалноста на нуклеарното оружје распоредено во воените единици“.
Пробното лансирање беше извршено вчера и имаше за цел „зголемување на борбената ефикасност и моќ“ на крстосувачките ракети распоредени во Корејската народна армија „за операција на тактички нуклеарни бомби“, соопшти севернокорејската државна новинска агенција (КЦНА).
Истакнувајќи дека пробното лансирање е уште едно јасно предупредување за „непријателите“, Ким Џонг Ун рече дека земјата „треба да продолжи да ја шири оперативната сфера на нуклеарните стратешки вооружени сили со цел одлучно да избегне каква било воена криза во секое време и целосно да преземе иницијатива во неа“, јави КЦНА.
Севернокорејските медиуми во понеделникот јавија дека војската спроведува нуклеарни тактички вежби насочени кон Јужна Кореја во последните две недели во знак на протест против неодамнешните заеднички маневри на јужнокорејските и американските сили, во кои е вклучен и американски носач на авиони.
Јужнокорејското Министерство за обединување ја повика Северна Кореја веднаш да престане со тестирањето, јави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Министерството ја повика Северна Кореја да го промени својот пристап кон „храбрата иницијатива“ на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол да помогне во обновата на нејзината економија во замена за чекорите за денуклеаризација, пренесе Јонхап.
– Во координација со релевантните власти, внимателно ја следиме Северна Кореја со чувство на будност, со оглед на тоа дека моменталната безбедносна ситуација е тешка, изјави претставник на министерството за Јонхап под услов да остане анонимен.