Од 100 до 150 компании од прехранбената индустрија ќе бидат префрлени на регулираниот пазар како еден од начините и мерките за намалување на цените на основните прехранбени производи, а со тоа и инфлацијата, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
– Оваа мерка би важела од 1 декември 2022 година имајќи во предвид дека треба да се справуваме и со инфлацијата во делот на храната, а одредени компании кои произведуваат основни прехранбени производи имаат за три до четири, па дури и 10 пати поголеми трошоци во импутот електрична енергија. За да се намалат овие трошоци кои се директен импут во крајната цена ние ќе ги ставиме тие дејности на регулираниот пазар, по конкурентна цена на струјата, но со обврска да се намалат цените на основните прехранбени производи за процентот за кој ќе им се намали трошокот за струја, рече Бектеши во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Во однос на парното греење во Скопје министерот Бектеши кажа дека набавен е гас за првите две недели од октомври по најповолна цена, кој е двојно поевтин од претходните понуди, а очекувањата се дека од следниот месец ќе се обезбеди гас по поконкурентни цени со цел да има најниски трошоци за граѓаните.
-На 15 октомври со почетокот на грејната сезона ќе почне снабдувањето со топлинска енергија, радијаторите во Скопје ќе бидат топли. Топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона, истакна Бектеши.
Тој ги повика граѓаните да ги следат мерките и препораките за штедење на Владата бидејќи така ќе заштедат и во домашниот буџет.