Кавадарци се збратими со Буча, еден од симболите на страдањата на Украинците во речиси деветмесечната војна со Русија. Првиот човек на Кавадарци, Митко Јанчев, и заменик-градоначалникот на Буча, Серхи Шепетко, денеска го потпишаа Договорот за соработка (збратимување), при што амбасадорката на Украина, Лариса Дир, потсети дека Кавадарци им помогна на Украинците уште на почетокот на војната, донирајќи 600.000 денари,пишува СДК.
-Како и многу други уништени градови во Украина, Буча се обидува да оживее, да ја обнови критичната инфраструктура. Постои потреба од обновување на станбени згради за нов живот на Украинците, кои ги преживеаја сите ужаси на руската воена машина. За да го оствариме ова, потребна ни е помош и од странските партнери и пријатели. Веќе имаме неколку заеднички проекти. Сигурна сум дека денешниот договор ќе стане нова алка во нашата соработка и ќе организираме уште многу заеднички проекти за нашите градови за заемно духовно збогатување, кажа Дир.
Буча се наоѓа на 30-ина километри од Киев и пред војната имаше над 36.000 жители, но се најде во фокусот на светската јавност откако се дозна за воените злосторства што зад себе ги оставија руските трупи по повлекувањето од околината на Киев.
Буча беше на првата линија на фронтот во обидите на руските сили да напредуваат кон Киев и тука се водеа жестоки борби повеќе од еден месец. Украина повторно ја презеде контролата врз Буча на 31 март, при што на улиците беа пронајдени бројни убиени цивили, од кои многумина биле погубени. Локалните власти кажаа дека се пронајдени над 450 тела.