„Советите на Општините, Градот Скопје преку избрани претставници што ги назначуваат во Управните и Надзорните одбори ја вршат функцијата управување. Управниот одбор ја поставува рамката за работење на претпријатието, врши одредена контрола, стратегиски правци, планови и итн. Но, не секојдневното работење. Не може да очекувате и членовите на Управните одбори кои што не ја вршат функцијата професионално таму, за разлика од директорот и неговите тимови да имаат увид во тековното, секојдневно работење“, истакна Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во централниот дневник на Сител телевизија.
Славески додаде дека за него лично, но и за советниците оваа ситуација со ЈСП дојде сосема неочекувано.
„Ние не можеме на дневна основа да следиме што се случува со јавните претпријатија. Добиваме тримесечни извештаи, ги ставаме на седници на Совет, советниците дискутираат. Еве дури и се доцни со извештајот на ЈСП. Можам да ви кажам дека од „Паркови и зеленило“ имаме извештај, од „Комунална хигиена“ и од „Лајка“. За овие три претпријатија што ги спомнав „Комунална хигиена“ има загуба од околу 40 милиони денари, а додека „Паркови и зеленило“ има добивка некаде од околу 18 милиони денари, 300.000 евра со деветте месеци заклучно со септември. А, додека пак „Лајка“ е тука некаде на позитивна нула, некаде околу 4.000 евра, во плус се. А, за останатите немам информација“, заклучи тој.
Тој посочи дека од „Лајка“ и на претходната седница имаат доставено барање за дополнителни средства за субвенции од Град Скопје.
„За тековната реализација на Буџетот на Град Скопје задолжен е градоначалникот. Ние имавме планирано седница за крајот на месецот, 31 октомври, каде што чекаме ребаланс на Буџет. Најавен е ребаланс на Буџет. И до овој момент не беше стигнат ребаланс на Буџет, наводно заради одлуката која што беше донесена за пренамена на средства за поддршка на ЈСП, било потребно дополнително време за да се усогласат нели сега цифрите со таа интервенција од околу 130 милиони денари. И ја поместуваме седницата на барање на кабинет на градоначалникот за 8-ми ноември. Зошто го кажувам ова? Да го имав сега, или да го имавме како советници добиено ребалансот на Буџетот, ќе имавме појасна слика какви се состојбите со сметките на Буџетот на Градот Скопје“, истакна Славески.
Во текот на своето гоствување Славески се осврна и на ситуацијата со ЈП „Водовод и канлизација“.
„Од ЈП „Водовод и канализација“ не бараат средства и тоа можеби е добро. Но, тука станува збор за меѓучовечки односи, третман на вработените. Јас добив пред неколку дена допис за информирање како претседател на Советот на Град Скопје. И таму ги има подетално овие наводи што се кажуваат. Морам да истакнам дека речиси целиот овој период по стапување на должност од страна на градоначалникот Арсовска, особено во последниот период стигнуваат вакви поплаки од вработени не само во јавните претпријатија, туку посебно од сменетите и новоназначени В.Д. директори. Така што се обратија до мене како претседател на Совет, ние сме подготвени во рамките на надлежностите на Совет ако треба ќе формираме и посебно тело, комисија, некој вид на омбусман да ги сослушаме поплаките на вработените“, појасни Славески.
Тој посочи дека преку Управните одбори може Советот да побара дополнителен Извештај, може да побара искази, сослушување и итн. Така може да се воочи на која мака се вработените.
„Има институции, има закони за заштита од мобинг, злоставување и итн. Така што тоа е дефинирано. И јас не би сакал тоа да излезе надвор од рамките на ингеренциите на Совет, Управни одбори, градоначалник и итн. Па, еве апелирам да се реши проблемот колку што е можно побргу“, нагласи Славески.
Тој нагласи дека според негови сознанија постои реален проблем во ЈП „Водовод и канализација“, но тоа се случува и во другите претпријатија.
„Во последните месец дена ми имаат пријдено можеби 10-тина вработени од раководители до некои да речам службеници на Град Скопје кои што се да речам на пониски позиции, луѓе во тешка психичка состојба кои што дошле до претседателот на Совет да го информираат дека се малтретирани од страна дали е на градоначалник, или од новоназначениот секретар на Градот. Јас ги прибирам информациите и сослушувам. Јас тоа го споделив со неколку советници за да најдеме законска можност дали тоа би го предложил на следната седница, може да формираме дали тоа да е некоја комисија која што ќе ја утврди фактичката состојба со третманот на администрацијата во Град Скопје. Затоа што градоначалник и секретарот тука се неприкосновени, значи со еден потег ако некој поради една или друга причина не им се допаѓа ги исклучуваат од електронски пристап до нивните податоци, мејлови итн“, рече Славески.