Македонскиот јазик е завршена работа, признаен од Обединетите Нации и кодифициран со сите јазични и научни нишани и поради тоа, ова прашање никој не треба ниту да го отвара, ниту да го подотворува, вели преседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по однос на вчера потпишаниот договор со ФРОНТЕКС, одговарајќи на новинарски прашања пред започнување на Политички дијалог на ЕПП – партиите од регионот, кој се одржува во хотелот „Double Tree by Hilton“.

-Затоа велам, еден од стотиците кои што се потпишани во минатото. Македонскиот јазик е стекнато право, македонскиот јазик заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот јазик уште во поранешната федерација како дел од македонскиот идентитет, како дел од идентитетот на тогаш конститутивниот народ. Македонскиот народ е дел од Обединетите Нации со самиот влез на таа поранешна федерација, признаен од Обединетите Нации, кодифициран 77-мата, тоа е константа и мислам дека колку повеќе ја отвараме оваа тема толку е полошо за нашиот идентитет. Тоа е затворено прашање, не треба воопшто некој ниту да го отвора, ниту да го подотворува. Македонскиот јазик е константа и за тоа не треба преговори и разговори, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека добро е што се потпиша и го поздравува договорот со ФРОНТЕКС, затоа што ќе биде додадена вредност во сферата на безбедноста, но сепак тој преставува еден од десетиците, ако не и стотици кои Македонија на македоснки јазик го има потпишано со меѓународни институции, вклучително и со Европската Унија.

-Па добро, тоа е еден од десетиците би рекол стотици договори кои што Македонија ги има потпишано тој е во сферата на безбедноста се надевам дека ќе има додадена вредност и го поздравувам, рече Мицкоски.