Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, утре ќе ја посети Босна и Херцеговина во рамки на нејзината турнеја низ Западен Балкан, соопшти Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.
Доаѓањето на Фон дер Лајен во БиХ е поврзано со неодамнешната препорака на Европската комисија за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, со цел да се нагласи пораката дека иднината на Босна и Херцеговина е во Европската унија, се наведува во соопштението.
Се додава дека потпретседателката на Европската комисија ќе се осврне и на енергетската криза и ќе ја „покаже одлучноста на ЕУ да ги поддржи партнерите во справувањето со високите цени на енергијата и долгорочното подобрување на нивната енергетска безбедност“.
Фон дер Лајен ќе се сретне со членовите на Претседателството на БиХ, други политички претставници во БиХ, претставници на граѓанското општество, културните институции и бизнис заедницата и свечено ќе го отвори тунелот „Иван“ на „Коридорот 5ц“, се наведува во соопштението.
Европската унија инвестираше 23,3 милиони евра во грантови за делницата од патот Тарчин-Иван и за тунелот „Иван“ кон Коњица, што е дел од вкупната грант поддршка од ЕУ од 542 милиони евра за „Коридорот 5ц“.