Белата куќа синоќа ја обвини Русија дека „храната ја користи како оружје“, повлекувајќи се од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа.
-Русија уште еднаш се обидува да ја искористи војната што ја почна како изговор за да ја користи храната како оружје и на тој начин директно да влијае на земјите кои веќе се во неволја и цените на храната ширум светот, изјави неименувана портпаролка на Советот за национална безбедност.
Таа додаде дека на овој начин се влошува хуманитарната криза и несигурноста во обезбедувањето храна.
Руските власти вчера соопштија дека се повлекуваат од договорот за извоз на жито од украинските пристаништа, од витално значење за снабдувањето со храна во светот, по нападот на црноморскиот полуостров Крим, што Москва им го припишува на Украина и на Велика Британија.
Договорот беше склучен во јули под покровителство на ОН и Турција, и овозможи извоз на неколку милиони тони жито блокирано во украинските пристаништа од почетокот на руската инвазија врз Украина. Блокадата предизвика скок на цените на храната и ги зголеми стравувањата од глад низ светот.
Како причина за повлекувањето од договорот Руските власти го наведоа вчерашниот напад со беспилотни летала врз воени и цивилни бродови на руската Црноморска флота, стационирани во Севастополскиот залив, на Крим, што е припоен од Русија во 2014 година.