Промените се гледаат во резултатите и во делата на градоначалниците на општините со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ. На отворањето на првиот политички саем во Македонија, претседателот на партијата Христијан Мицкоски го резимира сработеното во секоја општина.
Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за само 1 година од мандатот отпочнаа со градба или реализираа проекти во вредност од 120 милиони евра (7.458.790.588 денари). Значи 125 милиони евра тежат проектите за нови булевари, паркови, нови градинки, училишта и редица други проекти. Од најголемата до најмалата општина, рече Мицкоски.
Тој објасни каде и како се инвестирани тие пари.
Патна инфраструктура, водоводни и канализациски мрежи
Се реализираа или се отпочна со реализација во патна инфраструктура, градба на надвозници, клучки, нови улици, булевари или нивна реконструкција во вредност од над 36 милиони евра (2.246.110.874 денари). За градба или реконструкција на водоводни и канализациски мрежи за една година се отпочна со инвестициски циклус вреден од над 20 милиони евра (1.278.181.531 денари).
Детски градинки, основни училишта
Во едни тешки околности на сеопшта криза се започна со решавање на проблемот со недостиг на детски градинки. Денес речиси и да нема општина каде нема дополнет капацитет или градба на нова градинка, или приспособување на просторни услови за тоа. За само една година се почна со градба или реконструкција на градинки во вредност од над 9 милиони евра (560.303.732 денари). И свесен сум дека ова не е доволно, но е добар почеток на решавање на еден децениски проблем. И образованието е наш приоритет. За градба или реконструкција на основни училишта се инвестира над 19 милиони евра (1.182.138.188 денари).
Паркови
За нови паркови и зелени површини се почнаа инвестиции во вредност од речиси 4 милиони евра (234.506.064 денари), додека за зачувување на животната средина и проекти од оваа област се инвестираат нови 2 милиони евра (118.055.948 денари).
Култура и спорт
Се инвестира и во културата. За нови културни домови, за реконструкција на културни знаменитости и инвестиции во културата се вложуваат речиси 2.5 милиони евра (148.933.374 денари), додека пак за спорт и спортски објекти за најмладите се инвестира над 7 милиони евра ( 435.749.593 денари).
Ранливи категории
Не се заборавени и ранливите категории граѓани, за кои низ различни програми и намени се даваат речиси 1.5 милиони евра (91.780.030 денари).
Мицкоски рече дека иако е задоволен од постигнатото, секогаш може повеќе.
Ова е одличен резултат кој е гаранција дека промените ќе бидат уште поголеми и уште позначајни. Овие резултати се однесуваат на над 40 општини во кои победата ја имаше ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој.
Прашањето за одбрана на принципите и нашето стојалиште да не ја изиграме довербата на граѓаните кога тоа веќе многу лесно го прави првиот човек на Градот, продолжува да биде границата од која нема да се повлечеме и моралот и вредностите што ги браниме. Одбраната на тие принципи се нашето право и должност, затоа што ветивме работа, наместо неспособност, ветивме резултати наместо стагнација, кусо се осврна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на состојбите во Град Скопје.