РЕК „Битола“ е енергетски капацитет кој беше исклучително важен за осамостојувањето на македонската држава, беше и сè уште е срцето на македонската енергетика и столбот на македонската економија, а посебно денес во услови на најголемата светска енергетска криза, кога комбинатот е доминантен производител на електрична енергија во земјава, изјави премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на свеченоста по повод 40 години од пуштањето во работа на блок 1 на Рударско – енергетскиот комбинат (РЕК) „Битола“, кој на 4 ноември 1982 година во точно 23 часот и 52 минути беше синхронизиран со електропреносниот систем на државата.
– Во моментов, со наша заедничка заложба, АД ЕСМ, а во најголем дел РЕК „Битола“, успешно и континуирано обезбедува 100 проценти од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи во државата во кои се вработени најголемиот дел од нашите работници. За да може да ги обезбеди потребните количини на електрична енергија, РЕК „Битола“ годинава го зголеми проектираното производство, за 25 отсто во однос на минатата година, покажувајќи уште еднаш колку е вредно домашното производство на енергија, но и колку е значајна посветената работа на сите вработени. Без нивната експертиза, без нивното знаење, без нивната посветеност и без нивната напорна работа ништо од ова немаше да е можно. И тоа е така веќе 40 години, истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека денес во овие тешки услови точно ја сфаќаме важноста на секој еден вложен час работа на секој еден вработен во РЕК Битола, за што, како што рече, сака да ви кажам едно големо благодарам.
– Во услови на најголемата енергетска криза брзо и навремено преземаме мерки за ублажување на енормниот раст на цената на електричната енергија, а со тоа и на цената на храната. За сето ова, клучно е домашното производство на електрична енергија. Овие антикризни мерки, оваа електрична енергија која субвенционирано ја даваме на нашите граѓани и на 98 проценти од фирмите кои вработуваат исто толку вработени немаше да биде можно без производството на електрична енергија во РЕК „Битола“. Воедно ја субвенционираме струјата за сите домаќинства и мали потрошувачи за 80 отсто, обезбедувајќи за сите пет пати сметка за електрична енергија поевтина од реалната пазарна цена која би ја платиле доколку ова не беше направено, додаде премиерот.
Тој потсети дека со новите владини одлуки објавени минатата недела, се обезбедува поевтина струја за 80 евра по мегават час за компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи, со цел стабилизирање на цените на финалните производи.
– Веќе беше јавно соопштено од производителите дека со оваа одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10 проценти. Деведесет и пет евра по мегават час за основните и средни јавни училишта којашто ќе биде висина на цена на електрична енергија која тие ќе можат да ја поднесат и ќе може да се обезбеди непречено одвивање на наставно образовниот процес во државата. Истата таа цена на електрична енергија ја обезбедуваме и за водоснабдителните компании со цел да има непречено снабдување со вода, а ЕСМ е компанијата која ќе склучи договори и со здравствените установи за да имаме непречено извршување на здравствените услуги во државата, рече Ковачевски,
Претседателот на Владата упати честитки и за почетокот на изградбата на топловодот од РЕК „Битола“ до Битола и за отворањето на рудникот „Живојно“, идеја која датира од 1982 година кога е направена работната група.
– Нашата цел е да обезбедиме одржлива иднина на РЕК „Битола“. Имаме план, а кога во енергетиката се зборува за план тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечни динамики за пет години. Во оваа прилика, сакам да напомнам дека Владата е силно фокусирана на инвестициите во енергетскиот сектор, кои ќе ја зголемат енергетската транзиција и независност. Тоа е нашиот влог во иднината, потенцира премиерот.
Ковачевски нагласи дека трансформацијата на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија се движи постапно, а ЕСМ финализираа и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК „Битола“ со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати.
– Работните места на сите работници сега и во иднина со енергетската трансформација се сигурни. Немојте да ги слушате оние кои зборуваат дека некој ќе го затворел РЕК „Битола“, дека работниците ќе останеле без работа. Ниту еден работник нема да остане без работа, туку напротив РЕК „Битола“ ќе се модернизира, РЕК „Битола“ во иднина треба да работи на еколошки горива, треба да има нови извори на енергија и не да ги вработува само постојните туку и нови струки на инженери кои доаѓаат за обновливи и одржливи извори на енергија, додаде Ковачевски.
Тој нагласи дека секаде каде што оди ја истакнува улогата на Битола, на РЕК „Битола“, на неговите вработени и на сите битолчани на чија територија се наоѓа овој најголем индустриски капацитет во државата.
– Донесовме нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година целосно базирана на Европскиот Зелен Договор, којашто веќе се имплементира кај нас. Преку концептот на Стратешки инвестиции, разговараме и се преговара за над еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани големи европски компании. Го поддржуваме Европскиот зелен договор за одржлива економија, кој подразбира претворање на климатските и еколошки предизвици во можности и придобивки за државата и за граѓаните. Се реализираат сериозни енергетски инвестициски проекти во целата држава, развиваме државни проекти за изградба на фотонапонски, ветерни и хидроелектрани во државна сопственост со цел зајакнување на позицијата на државното електростопанство, изјави Ковачевски.
Тој ги најави проектите за изградба на фотонапонските централи по пат на јавно-приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати, изградбата на и уште една десет мегаватна соларна централа во Осломеј во текот на 2023 година, на ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, кој ќе биде најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, како и на „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати од страна на реномираната француска компанија „Акио“.
– Неодамна почна со работа новата 17 мегаватна соларна централа, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди, од страна на компанијата од Словенија „Ген-И“. Проектот на една од најголемите грчки компании „Митилинеос“ исто така е прогласен за стратешка инвестиција за изградба на когенеративна електрана за производство на топлина и електрична енергија во Скопје со инсталиран капацитет од 150 мегавати која исто така ќе се најде пред пратениците на одобрување. Во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години. Издадени се овластувања за изградба на три ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 11 мегавати на приватни инвеститори. Првиот ветерен парк „Богословец“, треба официјално да започне со работа веќе на крајот на идната година. Таму веќе почнуваат да пристигаат ветерните турбини, рече премиерот, додавајќи и дека доколку се биде според она што е пропишано во документацијата и барањата, конечно ќе имаме инвеститор кој ќе може да ја започне изградбата на проектот „Чебрен“, по 13 неуспешни тендери.
Премиерот најави дека на почетокот на 2023 година се очекува да започнеме изградбата на гасниот интерконектор со Грција, со кој ќе се приклучиме на Трансјадранскиот гасовод и ќе добиваме гас од Азербејџан.
– Оваа Влада како ниедна до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Посветени сме на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната околина. И затоа само во мандатот на мојата Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотонапонски централи во државата што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години во текот на мандатот на Владата на Никола Груевски. Стабилен електроенергетски систем е приоритетна цел и пресудна за да имаме сигурност во снабдувањето со електрична енергија и нови инвестиции и во иднина, додаде премиерот.
Ковачевски истакна дека Владата ќе ја искористи глобалната енергетска криза за да ја претвори земјава во центар на зелена енергија, што ќе го снабдува и земјата и регионот, но и пошироко.
– Имаме тешка зима пред нас, но нашата Влада се обврза дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата и никој нема да треба да избира помеѓу греење и храна. Како што ја надминавме короната, ќе ја надминеме и енергетската криза. Како што презедовме успешни мерки на почетокот на 2020 година, сега ја спроведуваме истата стратегија за да им помогнеме на луѓето и бизнисите и да се осигураме дека сите заедно ќе ја пребродиме кризата. Нашата способност да ја надминеме кризата е зајакната со нашите односи со нашите соседи – НАТО, ЕУ, земјите од Отворен Балкан. Успеавме да го деблокираме патот кон Европа, да влеземе во НАТО и да создадеме Отворен Балкан што ја става Северна Македонија во сосема поинаква позиција од она што беше само пред пет години, рече Ковачевски.
Тој потсети дека неделава престојуваше на Самитот на Берлински процес во Берлин, каде беа потпишани неколку важни договори за мобилност, кој ќе нѐ доближат до ЕУ, но што е уште поважно ќе го поврзат регионот и ќе овозможат понатамошен развој.
– Таму разговаравме и за европската иднина на регионот, но и за енергетската трансформација и на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан. Од Берлин можам да пренесам само пораки на поддршка. И од претседателката на Европската комисија Фон Дер Лејен и од канцеларот Шолц. Заеднички констатиравме дека Европската Унија, Европа не е целосна без западниот Балкан и дека оваа енергетска криза и ние како држава нема да ја поминеме сами. Ние, и тоа повторно беше потенцирано во Берлин, припаѓаме во ЕУ, додаде премиерот.
Ковачевски потенцира дека оваа криза ни предочи оти Европа не е само нашата иднина, таа е и нашата сигурносна мрежа, партнер и клучна алка во справувањето со кризата, додавајќи дека сите оние кои мислат дека Европа е само една од опциите, пред сè опозицијата, треба „да се разбудат од носталгичните соништа кои ги сонуваат, а со кои ќе ги остават граѓаните посиромашни и изолирани“.
– Изолирани бевме долго време и по повеќе од една деценија застој, конечно почнавме да се движиме кон нашите цели. ЕУ е нашата иднина и нашата единствена алтернатива. Сè уште ќе биде потребно време и нема да е лесно – никој не рече дека ќе биде лесно – но конечно се движиме кон остварување на нашата цел. Зачленување во ЕУ, истакна премиерот Ковачевски во обраќањето на свеченоста.
Пред свеченоста, Ковачевски ја посети машинската сала на термоелектраната на РЕК „Битола“.