Министерот за надворешни работи, Бујар Османи од утре ќе престојува во дводневна работна посета на Софија.

За време на билатералната посета, покрај средбата со министерот за надворешни работи, Николај Милков, Османи ќе оствари средби и премиерот Галаб Донев, како и со лидерите на главните политички партии, претставени во Собранието на Република Бугарија: Бојко Борисов од ГЕРБ, Кирил Петков од Продолжуваме со промената, Мустафа Карадај од Движењето на правата и слободите, Корнелија Нинова од Бугарската социјалистичка партија, Христо Иванов од Демократска Бугарија и Стефан Јанев од Бугарски подем.

Од МНР информираат дека на средбите се очекува да бидат отворени темите за актуелностите поврзани со билатералните односи меѓу двете земји, исполнувањето на преземените обврски со Протоколот и Договорот за Пријателство, актуелните геополитички предизвици и сојузништвото во НАТО, како и можностите за продлабочување на економската соработка.

Во рамки на билатералната посета, Османи, заедно со домаќинот Милков ќе учествуваат и на тркалезната маса што ја организира Центарот за проучување на демократијата во Софија, на тема „Промовирање на конструктивен капитал во Бугарија и Северна Македонија“.