И јас сум имал болни од рак во моето блиско семејство и сме поминувале низ процес на чекање, снимање…кажа премиерот Димитар Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање дали е во ред болните од карцином во државата да чекаат со месеци за преглед, дијагноза, лекови.
Ковачевски денеска присустуваше во ГОБ „8 Септември“ каде што беше отворен новиот дијагностички центар за магнетна резонанца.
Системот треба да функционира и да пружа најбрза услуга. И јас сум имал болни од рак во моето блиско семејство и исто така сме поминувале низ процес на чекање, снимање итн.. Меѓутоа, низ тие лични искуства ќе сфатите неколку работи. Прво, дека тие коишто се задолжени за управување со системот треба да работат на унапредување на системот, на негово забрзување, зголемување на ефикасноста. Но, научив и друга работа, а тоа е дека ние во државата имаме врвни доктори и стручњаци кои се на ниво на доктори од Австрија, САД. Имаме софистицирана опрема која е на врвно ниво и ова го кажувам од многу лично искуство. Нам ни фали систем којшто ќе работи за граѓаните и за пружање на услуги, рече Ковачевски.
Запрашан што мисли за услугите во здравство, тој рече дека услугите во здравствениот сектор во државата може многукрактно да се подобрат.
Јас сум работел во индустрии во кои услугата за корисниците ја имаат доведено до совршенство. Тоа е направено со помош на дигитализација, креирање на стандрадни услуги за оние коишто ги користат, користење на сите најсовремени алатки и техники за комуникации за електронско плаќање и пред сè, обука на вработените кои ги даваат услугите. Има уште еден принцип кој јас го нарекувам дисциплинирана соработка, кој е многу важен при давањето на услуги на корисниците, рече Ковачевски.