Украинскиот оператор на нуклеарната централа Запорожје соопшти дека руските сили стојат зад синоќешното и денешното гранатирање, што е спротивно на тврдењето на Москва дека нападот дошол од Украина.
Нуклеарната компанија Енергоатом соопшти дека имало најмалку 12 напади врз инфраструктурните објекти на централата.
Компанијата на Телеграм соопшти списокот со оштетена опрема покажува дека напаѓачите „ја таргетирале и ја оневозможиле самата инфраструктура која била потребна за да се рестартираат блоковите 5 и 6“ и да обнови производството на електрична енергија за потребите на земјата.
Претходно, Ренат Карча, советник во рускиот оператор за нуклеарна енергија Росенергоатом, изјави дека 15 гранати биле испукани врз објектите на централата.
Според руските медиуми гранатите биле испукани од Украина и паднале во близина на сув магацин и не се откриени радиоактивни емисии.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) потврди дека „силни експлозии синоќа и денеска ја потресоа областа на нуклеарната централа Запорожје“.
– Експертите на МААЕ во Запорожје известуваат за десетина и повеќе експлозии од очигледно гранатирање и оштетени се некои згради, системи и опрема на локацијата, но ниту една досега не е критична за нуклеарната безбедност и сигурност, соопшти МААЕ.
Директорот на МААЕ Рафаел Гроси повика гранатирањето веднаш да престане.
– Кој и да стои зад ова, мора веднаш да престане. Како што реков многу пати досега, си играте со оган!, нагласи Гроси.
Тој го повтори својот апел до двете страни во конфликтот да се договорат и што е можно поскоро да создадат зона за нуклеарна безбедност и сигурност околу Запорожје. Во последните месеци тој се вклучи во интензивни консултации со Украина и Русија за формирање на таква зона, но засега нема договор.
– Не се откажувам додека оваа зона не стане реалност. Како што покажува тековното очигледно гранатирање, тоа е потребно повеќе од кога било, рече Гроси.