Додека некои единици на локална самоуправа успеале во октомври да направат заштеди на потрошувачка на електрична енергија од 60 до 70 отсто во однос на истиот месец лани, Општина Арачиново има скок на потрошувачката од неверојатно 474 отсто.
Таа е единствената општина која не ја испочитувала препораката за заштеда на електрична енергија од 15 отсто, а останатите две кои направиле поголема потрошувачка од ланскиот октомври се Студеничани со 11 отсто и Лозово со 12 проценти.
Ова го презентираше министерот за економија Кршеник Бектеши, кој денеска даде графички приказ за штедењето на институциите. Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15 отсто.
– Владата, министерствата, собранието, претседателот, ЕСМ, Мепсо, имаат намалена потрошувачка во проек од 29 отсто, што е повеќе со вкупната заштеда од 20% остварена во септември. Задоволство ми е да кажам дека сите институции во октомври имаат намалена потрошувачка. Најмала заштеда има кај здравство од 18%, а кај МОН има заштеда од 58%. Заштедата кај Владата е 32%, кај Собранието е 22%, кај Претседателот е 24%, кај ЕСМ е 25%, а кај Мепсо е 22%. Ако се земат податоците на сите државни претпријатија, агенција и управи, вкупната заштеда е 24% – истакна Бектеши на прес-конференцијата.
Согласно податоците само на министерствата со сите нивни единици на локално ниво, заштедата е околу 33%. Министерството за животна средина заштедило 94%, а МОН заштедило 24%. Министерствата за внатрешни работи и за економија заштедиле 30%. Споредбено со октомври 2021, јавните претпријатија со сите подрачни единици заштедиле 17%.