60-годишниот пациент на кој му беше извршена првата трансплантација на црн дроб, по 17 дена е отпуштен од болница. Тој е во добра здравствена состојба и сега има нова шанса за живот, велат лекарите кои ја извршија трансплантацијата од починат донор. Министерот за здравство Беким Сали, му се заблагодари на целиот медицинскиот персонал, но и на семејството на донаторот.
Уште 15 пациенти чекаат на трансплантација на црн дроб. Националната координаторка за трансплантација на органи, др. Маја Мојсова-Мијовска, очекува денешната успешна приказна да ја зголеми довербата на пациентите во системот, во успешноста на ваков вид зафати, но и да ја крене свеста за органодарителството.
Инаку, ова е шеста трансплантација од починат донор од почетокот на годинава, но прва на црн дроб. Од почетокот на 2022 година, трансплантирани се 10 бубрези од починати донатори, две срца од пациенти со тешки состојби, а направени се и 10 трансплантации на коскено ткиво.