Лионел Меси и Аргентина се пласираа во големото финале, Хрватска не успа да го повтори успехот од минатиот Мундијал, па ќе треба да се задоволи со борбата за третото место.
Хрватска имаше контрола врз играта во првиот половина час, но работите се променија во 32. минута кога беше досуден пенал за Аргентина по фаул од голманот Ливаковиќ.
Прецизен од белата точка беше Лео Меси кој донесе водство за Аргентина од 1-0. Со овој погодок тој стана најдобриот стрелец на Светските првенства во историјата на Аргентина.
По дадениот гол Аргентина почна да игра многу полесно, тоа резултираше со нов погодок, Хуан Алварез постигна гол во 39. минута за водство од 2-0. Лоша интервенција на бековите на Хрватска.
Во второто полувреме Хрватска тргна поофанзивно во обид да ја надополни негативата, но наместо тоа прими уште еден гол.
Течеше 69. минута кога Меси се проби од десната страна и асистираше до Алварез, а тој ја смести топката во мрежата на Ливаковиќ за конечни 3-0.
Аргентина во неделното финале ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Франција и Мароко. Ден порано Хрватска ќе се бори за третото место со поразениот од овој дуел.