На северот на Косово и оваа ноќ помина мирно, а Србите се уште се на барикадите во знак на протест поради апсењето на Дејан Пантиќ и присуството на специјалните единици на косовската полиција, јавува РТС.

Српските барикади влегуваат во шести ден.

Шефот на ЕУЛЕКС, Ларс Гунар Вигемарк вчера изјави за Танјуг дека безбедносната ситуација на северот на Република Косово е многу сериозна и дека ЕУЛЕКС тројно ги зголемил своите сили, но дека не е надлежен да ја преземе контролата на север наместо косовската полиција и дека барикадите треба да се отстранат на мирен начин.

Во меѓувреме, 14 нови советници дадоа заклетва на собранието на општина Северна Митровица, кое избра ново свикување и формираше нова законодавна власт.

Меѓу новите советници, во општина со мнозинско српско население, еден од 16-те е Србин – Душан Милуновиќ од листата „Граѓанска иницијатива српски опстанок“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера се сретна со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања од Западен Балкан, Мирослав Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар.

Ескобар за РТС изјави дека загриженоста на луѓето кои се наоѓаат на барикадите на северот на Косово се „легитимни, а во некои случаи и оправдани“.

Тој додаде дека САД го отфрлаат враќањето на српските сили на Косово бидејќи се против, како што вели, милитаризацијата на проблемот, а наместо тоа се залага за дијалог и повтори дека Вашингтон се залага за формирање Заедница на српски општини.