За проблемот со јавниот превоз исклучива надлежност има Град Скопје, но со вицепремиерот Битиќи е разговарано за евентуален состанок за да согледаме дали може да помогнеме во некој сегмент, но најпрво треба да добиеме информации за проблемот. Како и да е, организирањето на јавниот превоз и во иднина е во надлежност на Градот, зашто во поглед на децентрализацијата нема да се враќаме назад 20 години, изјави премиерот Димитар Ковачевски. Министерот Ристо Пенов вели дека на потег сега е Управниот одбор на ЈСП Скопје.
Премиерот рече дека власта во Скопје ја имаше добиено ВМРО-ДПМНЕ која, како што нагласи, ветуваше и бесплатен автобуски превоз, дури и производство на електрични автобуси, но од тоа, заклучи тој, нема ништо, туку се бара и помош од Владата.
„Помогнавме со преземањето на парното греење во Скопје, зашто Градот се покажа неспособен. Сега доколку се бара истото да го направиме и со јавниот превоз, велам дека исклучива е надлежноста на Град Скопје. Можеме да организираме состанок со цел да видиме дали може да се помогне во определени сегменти, но откако ќе ги добиеме потребните информации, бидејќи, нагласувам, Владата нема информации за каков должничко-доверителски односи станува збор“, рече Ковачевски.
Премиерот ја поздрави одлуката на приватните превозници да ги повлечат блокадите од скопските булевари и улици кои, како што рече, им ги вратија на скопјани.
И министерот за локална самоуправа Ристо Пенов денеска не ја исклучи можноста од средба за решавање на проблемот со јавниот превоз во Скопје.
„Средба на приватните автобуски превозници со владини претставници може да се одржи во секој момент, штом се исцрпат сите институционални можни решенија“, истакна министерот за локална самоуправа Рисот Пенов во одговор на новинарско прашањето за одлуката на превозниците за откажување од блокадите и за тоа кога би можело да се очекува нивна средба со Владата.
Пенов рече дека работите сега добиваат добра насока зашто се движат кон институциите.
„Сега е на потег Управниот одбор на ЈСП, кој треба да го разреши конкретниот проблем“, рече министерот Пенов.