Малолетник од Свети Николе синоќа со петарда запалил тенда на угостителски објект на плоштадот „Илинден“. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова информира дека во 19:30 часот во Полициската станица Свети Николе било пријавено дека околу 19:20 часот малолетник фрлил пиротехничко средство во угостителски објект на плоштад „Илинден“ во Свети Николе, при што настанал пожар на тендата на угостителскиот објект.

Увидна екипа на ОВР Свети Николе извршила увид на местото на настанот, а за случајот бил известен Јавен обвинител и Центар за социјална работа и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, се вели во писменото соопштение од СВР-Штип.