Монт Еверест е висок 29.035 метри, а не над 8.000 метри. Мртвото море е повеќе од 1.400 метри под морското ниво, а не само 400 метри….Ова се низата грешки во долгоочекуваните учебници по Историја и општество за петто одделение чиј издавач е Министерството за образование и наука, а автори се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, со тим рецензенти Беса Хавзиу-Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска.
Откако во текот на минатата недела во дел од училиштата конечно пристигнаа учебници за прво, второ, четврто и петто одделение, родители преку социјалните мрежи реагираа на лесно воочливи неточни содржини во книгите, а од Министерството за образование и наука велат оти ќе се утврдува како се случило да има нелогичности и пропусти во учебникот.
Министерството за образование и наука и Педагошката служба започнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за 5-то одделение, во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои секако, не смееја да се дозволат. Преку Националната комисија, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување.- Министерство за образование и наука.
Во соопштението на Министерството не е прецизирано дали ќе се „чешлаат“ и другите учебници кои се направени по новата програма, а засега оттаму само апелираат до сите автори и рецензенти, но и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници да ја подигнат личната одговорност и посветеност.
Канал 5 побара став од Националната комисија која е најодговорна за одобрување на учебниците, но на прашањата меѓу кои е и, кој поточно ги одобрил ваквите грешки за печатење, до почетокот на вестите, одговори не добивме.
Инаку, наместо учебници, на почетокот на годината основците од прво, второ, четврто и петто одделение добија материјали за учење за првото тромесечие, односно по еден учебник за сите предмети. Кога ги поминаа лекциите надлежните ветуваа дека до крај на полугодието ќе стигнат и учебниците. Министерот за образование Јетон Шаќири се правдаше дека за годинава во буџетот не биле планирани пари за ова, а рече дека ќе сноси одговорност ако доцнат учебниците наредната година.