Хрватска го доби дуелот со Мароко и го освои третото место на Мундијалот во Катар (2-1). Хрватскиот тим застана во полуфиналето и не успеа да го повтори успехот од пред четири години во Русија, па мораше да се задоволи со победа во „малото финале“.

Натпреварот започна неочекувано, со два гола за неколку минути. Први удар зададоа Хрватите, кои преку Јошко Гвардиол постигнаа водечки погодок. Дефанзивецот се најде на вистинското место и со глава донесе радост за својата репрезентација. Не се чекаше долго на одговор од Мароканците. Одново стрелец беше дефанзивец, овојпат Ашраф Дари, кој остана сам во срцето на казнениот простор на противникот и со глава го матира Доминик Ливаковиќ за 1-1 по девет минути игра.

По неколку шанси на двете страни, стигна нов погодок и тоа во самата завршница од полувремето. Лука Модриќ промаши за хрватската селекција, а Ашраф Хакими не искористи добра прилика за својот тим. На крај, Мислав Оршиќ на три минути до крајот на воведниот дел донесе нова предност за Хрватска. Неговиот удар беше неодбранлив за Боно, па Златко Далиќ позадоволен замина на пауза во мечот за трето место.

Хрватските фудбалери дозволија противникот да ја преземе иницијативата. Мароко имаше повеќе од играта, но шансите беа на страна на хрватскиот тим. Многу брзо мароканскиот селектоир направи пет измени и го освежи составот, со цел да брка израмнување до крајот на мечот. Ливаковиќ имаше работа при ударот на Ен Несири. Хрватскиот голман спречи втор гол во својата мрежа и ја сочува позитивата за „коцкестите“.

Најголемата шанса за нов гол во финишот ја пропушти Матео Ковачиќ. Неговиот удар од изгледна позиција беше непрецизен. Мароканците немаа сили за нешто повеќе, па на крај се помирија со пораз за крај на нивниот фантастичен настап во Катар. Во големото финале утре се среќаваат Аргентина и Франција (16:00 часот).