Oд Занаетчиската комора на РСМ денеска реагираа за предложените измени на Законот за данокот на добивка кои се дел од даночните реформи, а кој ги засега микро, малите и занаетчиските дејности.
Претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлји изјави дека ако се донесе овој закон како што сега е предложен ќе придонесе за зголемување на сивата економија и ќе затвори огромен дел од микро, малите и занаетчиските дејности.
– Покрај кризите со кои се соочивме, пандемската, економската, енергетската криза сега, последен удар за нас е и овој предложен закон. Нашите членки реагираат и укажуваат дека наместо државата да се бори со сивата економија, да обезбеди услови за формалните дејности, на овој начин иницира формалните дејности кои и онака тешко опстојуваат на пазарот да преминат во непопуларната и никому од корист сива економија, изјави Фазлији.
За занаетчиските дејности е важно да има даночни олеснувања, пред сè паушално оданочените занаетчии да имаат 50 проценти помалку данок во однос на претходната година. Реално оданочените занаетчии да не плаќаат данок до три милиони денари на годишно ниво.
Како што појасни Фазлији, од 2023-та година занаетчиите очекувале да се зголеми прагот на плаќање на ДДВ од сегашни два на три милиони денари и да бидат ослободени од плаќање на данокот за да може да ја придвижат економијата.
– Ние не сме против даноци, напротив, бараме да има фер услови за работа и лојална конкуренција, изјави Фазлији.
ОД ЗКРСМ најавија дека ќе поднесат свои предлози за даночни реформи.
Собранието веќе ги усвои измените на Законот за данокот на личен доход, со што од 1 јануари 2023 година ќе продолжи да се применува рамниот данок од 10 проценти, односно се укинува прогресивното оданочување и се одложува даночењето на каматите на заштедите до влезот на државава во ЕУ. Во наредниот период треба да се усвојат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за данокот на добивка, кои исто така се дел од Концептот на даночна реформа