15-годишно момче од Кавадарци е дојавувачот кој ги испратил заканувачките пораки до училиштата во градот на почетокот на декември. Мвр веќе поднесе и кривична пријава до Јавното Обвинителство со која го товари малолетникот за сторено дело „тероризам“. Полицијата извршила и претрес во домот на малолетникот и на персоналниот компјутер пронајдени докази дека преку хакирана адреса испраќал идентични заканувачки пораки до три средни и три основни училишта во Кавадарци. Министерот Спасовски потврди дека случајот е целосно затворен.
Според полицискиот извештај од домот на малолетникот одземени биле еден компјутер и мобилен телефон, кои ги користел за испраќање на пораките.
Ова е втора кривична пријава против малолетник кој испраќал вакви заканувачки пораки. Претходно полицијата приведе уште еден малолетник од Скопје кој инспириран од претходни објави за поставени бомби испраќал пораки дека во скопски средни училиштата има поставено бомби.
Опозицијата пак побара Спасовски да си поднесе оставка за како што велат неспособноста и по три месеци да се справи со сајбер нападите. Граѓаните се преплашени, и се чувствуваат небезбедни и несигурни во сопствената држава, велат од партијата.
Несериозни се изјавите на Спасовски дека ова не се случува само во Македонија, туку и во другите земји од регионот и дека овој хибриден напад е само да предизвикување на страв и паника и да ја подрива политичката власт во државата…Затоа повикуваме Спасовски да не го окупира МВР, и веднаш да си поднесе оставка. Македонија и граѓаните немаат веќе ниту ден повеќе за губење со оваа неспособна влада.
Во моментов цел на дојавувачите се Македонија и Црна Гора. Во Подгорица и денеска е вклучен алармот на полицијата за поставени бомби во средни училишта, но безбедносните служби со помош на чешките колеги работат на расчистување на сајбер нападите. Засега нема потврда од македонските безбеднсни служби дали во справување со ситуацијата се вклучува некоја од партнерските држави.