Косовскиот премиер Аљбин Курти испратил писмо до Кфор и Еулекс во кое побарал од нив јасно да му одговорат дали планираат и кога да преземат нешто во врска со поставените барикади на северот на Косово. Ги предупредил дека ако не планираат ништо, дека Приштина има детален план како да ги отстрани 11-те барикади на северот.

Курти во претходните денови зборуваше дека „Кфор побарал одредено време, а дека сега има 11 барикади“. „Му дадовме време на Кфор токму затоа што слободата на движење од позиција на Кфор се смета за основна вредност“, кажа косовскиот премиер, а пренесува Косово онлајн.

Непосредно пред вчерашната средба на Курти со претставниците на Кфор и Еулекс беше објавено дека косовската полиција потпишала договор вреден 124.000 евра за изнајмување тешка механизација од приватна компанија која се бави со кршење камен.

Меѓутоа, не е прецизирано како полицијата би ја користела таа механизација. Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечија претходно порача дека барикадите мора да бидат отстранети. Командантот на Кфор, италијанскиот генерал Анџело Микеле Ристуча, повеќе пати истакна дека барикадите не смеат да бидат отстранети на сила, туку со дијалог и политички договор.