Ќе ги искористиме сите алатки и нема да застанеме тука во делот на она што можеме како опозиција да го направиме. Сепак да бидеме свесни ние не сме носители на јавните функции туку носители се СДСМ и ДУИ и тие се најповикани за ова што го прават. Безбедносниот сектор е една црна дупка која не дозволува никако информациите да излезат во јавност. Зошто е тоа така ? Затоа што не сакаат да се соочат со одговорноста за нивната неспособност и неодговорно постапување во сите случаи, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во вечерашното гостување во централниот дневник на Телевизија Сител во „Тема на денот“.
Она што е интерес за граѓаните е тоа сите недостатоци кои се констатирани, а се констатирани и во случајот со Онишченко да бидат навремено корегирани, да има одговорност на носителите на државни функции зошто се дозволиле такви пропусти, затоа што еден пропуст може да биде свесен и да знаат тие носители на јавни функции дека има одреден пропуст кој ќе можат на вакви лица како Онишенко да му дадат пасош, а можеби за тоа може и да добијат некаква финансиска награда. Така што јас не можам да верувам дека случаен е пропустот за една таква активност, рече Петрушевски.
Петрушевски посочи дека во случајот со Онишченко нема одговорност. Директорот Димовски не поднесе одговорност, него му заврши мандатот и не прифати никаква одговорност и во самата негова изјава. Веќе го предложија и за амбасадор во Франција, каде тој дури и награда доби за тоа што има системски пропуст во неговата функција.
Ние мора овој трул систем да го ресетираме, да ги ставиме вистинските луѓе на вистинските места. Да ги направиме процедурите да бидат во интерес на граѓаните, во интерес на државата, а не во интерес на властодржците кои таквите процедури ќе ги злоупотребуваат за да можат да избегнат одговорност како што е случајот со денешните собраниски актуелни комисии кои се задскриваат од јавноста доставувајќи класифицирани информации, кажа Петрушевски.
Тој рече “зарем една грешка треба да ја скриваме со нова грешка“.
Време е на Македонија да и се случи еден рестарт во овој безбедносен дел, но и генерално. Нас ни е неопходно конечно да имаме растарт на системот кој ќе се случи на предвремени парламентарни избори. Доколку Ковачевски не сака да го разреши Спасовски за сите скандали кои изминатиот период протекуваат од МВР многу скоро Спасовски и Ковачевски ќе ги разреши народот на предвремени парламентарни избори, дециден е Петрушевски.