Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1165 и има околу 670 празни болнички кревети во ковид центрите. Во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 692 пациенти, додека во Скопје 473 позитивни и суспектни на корона вирусот, информираат од Министерството за здравство.
– По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 97 пациент позитивен и суспектен на Ковид19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 58 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 35 пациенти, во Велес се лекуваат 83 болни, а во Куманово 80 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 75 пациенти, во Прилеп 68, во ковид центарот во Гостивар 23, а во Струга 15 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 68 пациенти, во Кочани 23 во Кичево 25, Кавадарци 30, а во Гевгелија 12 лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти, стои во соопштението од МЗ.
Од МЗ, посочуваат дека во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Министерството за здравство, исто така, информира дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород и дека имаат увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.