Потресни сцени доаѓаат од стадионот на Сантос, каде што е пренесено телото на легендарниот бразилски фудбалер, Пеле. На стадионот „Урбано Калдеира“ познат и како „Вила Белмиро“ ќе се одржи бдение, а на теренот ќе биде поставен отворен ковчег со телото на Пеле, за сите што сакаат да се простат со еден од најдобрите фудбалери во историјата.
Пред стадионот подолго време се формираше долга редица, бидејќи илјадници навивачи дојдоа да му оддадат почит на Пеле. На стадионот е поставен и знак со пораката „Да живее кралот“.
Пеле почина на 29 декември во болницата „Алберт Ајнштајн“ во Сао Паоло по долготрајна и тешка битка со рак на дебелото црево.
Пеле настапуваше за Сантос од 1956 до 1974 година, период во кој шест пати беше шампион на Бразил, двапати победник на Копа Либертадорес, а најголемиот успех го постигна со репрезентацијата на Бразил, со која освои три Светски Првенства.
Погребот на Пеле ќе се одржи во вторник на највисоките гробишта во светот.