Дигитализацијата на судниците, интероперабилноста, односно договорите за размена на податоци и документи, и дефицитот на информатички кадар во судските органи остануваат предизвик за правосудниот систем и во 2023 година.
Дигитални алатки со кои се подобрува транспарентноста и ефикасноста во работата на судовите изминатата година добија само пет судници. За дигитализацијата на останатите најавени 186 судници во 34 судови, од Министерството за правда велат дека се чека на учество од државата. Владата, пак, до објавувањето на текстот, не одговори на прашањата на МИА во врска со ова.
Станува збор за судниците во Основниот кривичен суд во Скопје, Основниот граѓански суд во Скопје, како и основните судови во Кавадраци, Струмица и Штип, кои беа опремени во рамки на оперативниот план за дигитализација на правосудството, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Ова беше најголемиот исчекор во дигитализација на судството во изминатата година, за која, министерот за правда, Никола Тупанчески, уште на почетокот на 2022, во февруари, изјави дека дигитализацијата во правосудниот сектор останува главен приоритет на кој ќе продолжи да се работи.
Дигитализацијата во правосудниот систем останува главен приоритет и во 2023, а МИА направи преглед на случувањата во оваа област и побара одговори од надлежните институции за она што беше ветено, она што беше сторено, и тоа што допрва треба да се реализира.
Од 186 судници низ 34 судови, за една година целосно дигитализирани пет
На прашање кога е планирано да се реализира целосната дигитализација, од МП одговорија дека процесот на дигитализацијата на судниците е целосно зависен од страна на меѓународните донатори, а се чека и на сопственото учество од страна на државата.
– Реализацијата на опремување на 186 – те судници во 34-те судови е проект кој што се реализира со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, каде што поради обемноста и сложеноста на процесот од страна на донаторот, по претходно спроведена постапка, нивни стручни лица извршија посета на сите судници и судови, подготвија целосна анализа и спецификација, за потребата за опремување и дигитализација на сите останати судници во 34-рите судови. Со оглед на обемноста на целиот материјал и направената анализа во овој процес, потребно е државата да го дефинира сопственото учество, кое што се состои во интегрирано уредување на судниците и во секој момент очекуваме реализација на понатамошниот дел од проектот за опремување на судниците. Исто така, напоменуваме дека во фаза се и договарањата околу моделот на одржливост на опремата, како еден од клучните сегменти пред пристапување на опремувањето и договорот за зајакнување на човечките капацитети и ресурси кои треба да ја користат опремата, велат оттаму.
На Европскиот самит за дигитализација на судството што се одржа изминатата година во јуни во Охрид, Тупанчески информираше дека во 2022 година за дигитализација во судството се предвидени 130 милиони денари.
Од МП велат дека согласно динамиката за дигитализација во судовите, 90 милиони денари биле потрошени за набавка на нови сервери за сите 34 судови и Судскиот совет, а со 20 милиони денари се направила групна јавна набавка на компјутери, принтери и скенери за сите 34 судови и за Судскиот совет.
Во однос на најавата дека Норвешка ќе донира 6,8 милиони евра за нов АКМИС-систем, за понезависно и потранспарентно судство, велат дека со Норвешкиот судски совет се во тек активностите околу најавената донација.
Судовите се дигитализираат, информатички кадар нема
Информатичките кадри за работа се еден од најголемите предизвици за дигитализацијата на правосудството. Судовите најчесто се жалат на недоволен број обучен кадар кој што би можел непречено да го носи овој процес, а фактот дека кадрите кои што работат со информатичката технологија се дефицитарни го потврди и Министерството за правда.
– Користењето на информатичката технологија е процес кој што бара дополнителни знаења и специјалистички познавања, особено во делот на користењето на соодветните платформи за реализација на онлајн судења. Во судството нема стандардизирана платформа за онлајн судење која што би била унифицирана и би ја користеле сите судови. За жал, многу мал е процентот на кадрите кои што работат во информатичката технологија и кои што имаат минимални познавања за реализација на онлајн судења, ова особено поради тоа што ФЕМИДА системот бара дополнителни знаења за негово користење, велат оттаму.
Европската Комисија, која во годинашниот извештај нотираше дека Советот за дигитализација во правосудството ја интензивираше работата за спроведување на ИТ стратегијата и каде ги споменува петте пилот судови кои добија ИТ опрема обезбедена од странски донатори, вели дека регрутирањето на дополнителен ИТ кадар зависи од нудење работни услови кои се конкурентни на оние во приватниот сектор.
Основен кривичен суд Скопје, Основните судови Скопје, Струмица, Штип и Кавадарци се петте судови кои беа опремени во рамки на оперативниот план за дигитализација на правосудството, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Четири од нив се жалат на недоволен кадар информатичари.
Од Основниот граѓански суд Скопје велат дека е започнат процес за опремување на една дигитална судница, а бидејќи овој процес сè уште не е целосно завршен, во овој суд сè уште нема онлајн судења. Оттаму велат дека Судот во своето работење во целост успешно го применува оперативниот систем АКМИС, но и дека не располагаат со доволно кадар за работа од областа на информатичката технологија, како и дека не располага со доволно кадар – судска служба (од секаков профил), од аспект за остварување на својата работа како правосуден орган, со оглед на надлежноста на истиот.
Во една кривична судница, како еден од пилот судовите, Основниот суд Струмица досега има инсталирано комплет опрема за аудио и видео снимање на рочиштата.
– По инсталацијата на опремата имаше тековни проблеми и со хардверот и со софтверот (нема лиценциран софтвер за снимање и не е поврзано со АКМИС). Судиите и дактилографите уште не се добро запознаени како да ја користат оваа опрема, а и треба да се поврзат со АКМИС за да не им се ствара дополнителна работа, велат оттаму.
Дополнуваат дека во моментов располагаат со еден информатичар, кој, како што наведуваат, не е доволен за реализација на активностите поттикнати од дигитализацијата и онлајн судење.
Покрај опремувањето на судница 23 во склоп на проектот Дигитализација на судници во пет основни судови со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Основен Кривичен суд информира дека претходно, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, бил отворен Медиа центарот во Кривичниот суд, како прв и единствен ваков центар во една правосудна институција, а со финансиска поддршка на Амбасадата на САД.
– Во октомври 2019 година со опрема за аудио снимање беа опремени сите судници во Основниот кривичен суд Скопје каде се судат предметите од одделот Кривично – полнолетни и Организиран криминал и корупција. Целокупната опрема е во правец на унапредување на ефикасноста и економичноста на судските постапки, со оглед да овозможуваат аудио – визуелно презентирање на доказите, снимање на расправите, сослушување на загрозен/заштитен сведок како и судење на далечина односно визуелно – тонски поврзување со други институции, наведуваат оттаму.
Во однос на информатичкиот кадар, од Кривичен велат дека судот веќе неколку пати нагласил дека ИТ персоналот во судот е дефицитарен и е потребно повеќе средства и отворање на нови позиции, за што, како што велат, „веќе сме се обратиле до надлежните институции“.
Од Основниот суд Кавадарци, првиот суд кој беше дигитализиран, велат дека со особено внимание ги следат процесите на дигитализација и се целосно посветени своето работење да го прилагодат на новата реалност. Оттаму велат дека со дигиталната трансформација најголемиот дел од процесите се дигитални, а мануелниот начин на работа е сведен на минимум.
Дополнуваат дека сите судии, а посебно стручните соработници и судската администрација, имаа, како што велат, не само познавања, туку и мотивирачки способности, вештини и знаења да ги користат ИКТ алатките.
– ОС Кавадарци е првиот суд кој го организираше не само онлајн судење, напротив ИКТ алатките ги користеше и во постапките спрема деца, извршување на санкциите, како и во преземање на други активности. Дали е тој доволен? Дигитализацијата е процес кој секојдневно се унапредува, тоа е реалност и никогаш нема да биде доволен капацитетот со кој се располага. Дигитализацијата бара постојано следење на иновативните решенија и процеси и постојано мора да се зајакнуваат капацитетите на човечките ресурси со нови знаења затоа што технологијата се развива многу побрзо од знаењата, нагласуваат оттаму.
Од Основниот суд Штип истакнуваат дека се посветени на целосна дигитализацијата во правосудните процеси и за таа цел се опремени со доволен број на компјутери, печатари, скенери и копир-машини, како и добра и стабилна интернет-врска. Дополнуваат дека се користи електронска достава и кореспонденција со странки и надворешни субјекти, но и внатре, во судот, кое нешто, како што велат, придонесува и кон создавање на култура на користење на дигиталната технологија, а секако, дополнуваат, е и попрактична и поекономична.
И од ОС Штип велат дека е потребен доволен број на ИТ – инженери и техничари.
– Наскоро ќе има едно вработување во овој сектор во нашиот суд, со што ќе имаме двајца ИТ, но, секако дека е пожелно да има и други, со цел зајакнување на овој значаен сектор. Секако, овде се поставува и прашањето на плати, за да можеме да бидеме атрактивни и привлечеме вакви стручни лица, сметаме дека е потребно и соодветно истите да бидат платени, наведуваат оттаму.
Како еден од предизвиците од ОС Штип ја издвојуваат потребата од постојана едукација на сите вработени во правосудството, со цел полесно функционирање на дигиталните системи, кои во крајна мера значително ќе ги олеснат процесите и ќе ги направат истите поефикасни и поекономични.
Дигитална судница годинава беше отворена и во КПУ Идризово, каде изминатиот месец се одржа првата главна расправа за предмет од одделот за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје.
Новата дигитална судница е изградена според светските безбедносни стандарди со посебни влезови за судечкиот совет, странките, јавноста , како и спровод на притворените лица со целосно почитување на нивните Уставно загарантирани права. Ваквиот начин покрај тоа што овозможува поголема непристрасност во постапувањето на судот, ќе допринесе и во економичноста на постапката со намалување на трошоците за транспорт и обезбедување на притворени лица, од притворското одделени до зградата на Кривичниот суд.
Судницата е опремена со најсовремена опрема за аудио – визуелно снимање на расправите, како и опрема за репродукција на доказен материјал, која ќе биде користена во понатамошниот тек на судскиот процес, а воедно располага и со опрема за сослушување на загрозен сведок со соодветна заштита на неговиот идентитет и сослушување на странки на оддалеченост односно без нивно физичко присуство.
Новата Стратегија за реформа во правосудниот сектор има драфт верзија, договорите за интероперабилноста останаа само на хартија
Изминатата година се финализираше имплементацијата на Стратегијата за реформа во правосудниот сектор 2017-2022 година, а требаше и да се започне со подготовка на новата Стратегија за периодот 2023-2027 година, која ќе биде продолжение на процесот на реформи.
Во однос на активностите кои произлегуваат од Стратегијата за реформа во правосудниот сектор (2017 – 2022), а се однесуваат на дигитализацијата на правосудниот систем, од Министерството за правда велат дека системот за распределба на судски предмети функционира непречено.
– Во 2020 година се донесе новиот Закон за управување со движење на предмети во судовите, од 1 јануари 2022 година започнува со примена „case management system“ за распределба на предмети во Јавните обвинителства. Транспарентноста е зголемена последните три години од донесување на измените на Законот за Судски совет и Законот за Советот на јавните обвинители, каде што записниците од секоја седница и одлуките на советите се објавуваат на нивната веб-страна. Обезбедена е целосна функционалност на веб порталот www.sud.mk, каде се објавуваат судските пресуди и во Законот за парнична постапка, што се наоѓа во собраниска процедура, се предвидени одредби за дигитализација. На истиот принцип се работи и во Законот за кривичната постапка. По донесување на процесните закони ќе се пристапи кон измена на Судскиот деловник, велат оттаму.
На прашањето до каде е подготовката на новата Стратегија за периодот 2023-2027 година и што ќе опфаќа таа, оттаму истакнуваат дека првата драфт верзија е изготвена и ќе биде проследена до надлежните институции и Европската комисија на мислење, а откако ќе се добие мислењето, ќе се проследи до Владата на усвојување.
Министерството за правда изминатата година потпиша и договори за размена на податоци и документи. Во Владата, во март беа потпишани договори за интероперабилност меѓу Министерството за правда и групата институции: Министерство за внатрешни работи, Јавно обвинителство на Република Северна Македонија, Државна комисија за спречување на корупцијата, Агенција за цивилно воздухопловство М-НАВ, Управа за финансиска полиција, Управа за финансиско разузнавање, Централен регистар, Царинска управа и Државна изборна комисија.
Платформата за интероперабилност требаше да овозможи електронска размена на податоци и документи меѓу институциите на стандардизиран, безбеден и унифициран начин.
На прашањето за придонесот на овие договори, од МП велат дека и покрај сите напори кои што ги направиле за потпишување на договорите за соработка, само Министерството за внатрешни работи го прифатило предизвикот.
– Во ова насока неопходно е да се интензивираат сите напори, со цел државните органи и институции да го прилагодат своето работење на националната платформа за интероперабилност, укажувајќи им дека на овој начин се постигнува висок степен на ефикасност на своите услуги, се унапредува ажурноста и економичноста во работењето, односно, дека зголемувањето на бројот на институции и бројот на веб сервис/методи за размена на податоци е реалност која што мора интензивно да биде имплементирана, нагласуваат оттаму.
Од Министерство за правда велат дека дигитализацијата е веќе прифатена не како реалност, туку и како потреба за ефикасно работење.
Според нив, планот за дигитализација на правосудството ќе овозможи побрза правда, намалување на корупцијата, намалување на трошоците во судските постапки, странките ќе заштедат на време, а ќе има и помал број на одложени судења.
Оттаму велат дека во периодот што претстои ќе се работи на развивање на веб сервиси за размена на податоци и информации со другите државни органи и институции преку Националната платформа за интероперабилност, развивање на мобилна апликација за пристап до електронското досие на предметот од страна на странките во постапката, развивање на платформата e-delivery за воспоставување на двонасочна комуникација со странките и обезбедување на електронска достава со што ќе се надмине најголемиот досегашен проблем за неефикасна достава, надградба и инсталирање на ФЕМИДА системот за аудио – визуелно снимање на судењата во сите судови, надградба на индикатори за следење на ефикасноста на судовите и креирање на статистички извештаи за работата на судовите и унапредување и дигитализирање на судските услуги преку дигитализација на потврдите и уверенијата во граѓанските постапки.
МИА