Вашингтон бара Приштина и Белград да се вратат на напорите за создавање амбиент за дијалог, како и спроведување на договорите од процесот на дијалог, целосно и без одлагање, изјави денеска неименуван портпарол на американскиот Стејт департмент за порталот gazetaexpress.com, пренесува Бета.
Соединетите Американски Држави го поздравија отстранувањето на барикадите од северот на Косово и враќањето во функција на премините, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент запрашан за очекувањата на Вашингтон од процесот на дијалог кога ситуацијата ќе се смири.
Американците очекуваат Косово и Србија да се вратат на напорите за промовирање на создавање поволна средина за помирување, регионална стабилност и соработка во корист на сите граѓани кои живеат во Косово и Србија, пишува порталот.
САД бараат сите договори постигнати во рамките на процесот на дијалог да се спроведат целосно и без одлагање, пренесува Бета.
Се очекува наскоро во Приштина и во Белград да пристигнат главните советници на германскиот канцелар Олаф Шолц и на францускиот претседател Емануел Макрон за да дадат поттик на дијалогот.