Целосно завршија лекарските рендген и лабораториски испитувања на 12-те повредени патници од комбито што денеска околу пладне на железничкиот премин кај велешка „Порцеланка“ се судри со возило моторна дрезина на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура“, при што е утврдено дека сите минале со полесни повреди и без скршеници.
– Кај нив се направени рендген и лабораториски испитувања, а двајца од нив по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување, информира за МИА д-р Елена Левкова Ќулумова, портпарол на ЈЗУ Општа болница – Велес, додавајќи дека останатите повредени се задржани на лекување во велешката болница.
Таа информира дека по несреќата во велешката болница со возила на Бразата помош биле денесени 10 лица, а потоа дополнително, дошле уште двајца повредени патници, маж и жена, кои се без скршеници и се во добра здравствена состојба, но се задржани на опсервација.
Левкова Ќулумова претходно информира дека меѓу повредените има две деца на возраст од три и пет години и една 19-годишна девојка, додека останатите лица се на возраст од 30 до 60 години.
Денеска во 12:01 часот во СВР Велес било пријавено дека на железничкиот премин кај фабриката „Порцеланка“ во Велес се случила незгода помеѓу железничко возило и комбе „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на такси компанија од Чашка, управувано од 52-годишниот Д.Ј. од Чашка.
На овој премин преку кој минува регионален пат, секојденевно поминуваат голем број жители од сите населени места од Општина Чашка кон Велес. Во изминатите години на овој премин се случија повеќе несреќи во кои животот загубија голем број на граѓани.