Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2022 година, изнесува 471 373 069 илјади денари и бележи пораст од 20.8 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – ноември 2022 година, изнесува 684 609 418 илјади денари, што е за 27.8 % повеќе во споредба со истиот период од 2021 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – ноември 2022 година, изнесува 213 236 349 илјади денари, а покриеноста на увозот со извоз е 68.9 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот се најмногу застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – ноември 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.