Средбата во Тирана е новогодишна средба на премиерот на Албанија Еди Рама со лидери на партии по повод почетокот на новата година, за размена на мислење во однос на актуелностите во регионот и очекувањата во новата година, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи и додаде дека не треба да се бараат конспирации за поканата на Рама до лидерите на партиите на Албанците од Македонија утре во Тирана.
„Годинава очигледно ќе биде година на предизвици за регионот, се уште се наоѓаме во година во која има се уште има војна во Континентот, во која постојат бројни регионални предизвици, заеднички аспирации за продолжување на преговорите за членство во ЕУ. Нема некоја предвидена ангенда, туку новогодишна средба со цел посакување успех во годината која што е пред нас. Во тој контекст ја гледам средбата. Премиерот на Албанија е докажан пријател на Македонија и тој тоа го докажа во изминативе години и месеци на преговори со република Бугарија, кога буквално и на сметка на интересите на Албанија се изложуваше и искажувајќи ги позициите на Македонија. Не сметам дека треба да се создаде некоја конспирација за средбата. Сите средби каде се разменуваат ставови се добри за регионот, рече Османи.
На прашањето зошто се поканети само лидери на партии на Албанците од Македонија, Османи рече дека за тоа треба да се праша премиерот на Албанија.
За информацијата дека претседателот на Беса Билал Касами може да не учествува на средбата бидејќи не сака да седи на иста маса со лидерот на ДУИ Али Ахмети, Османи рече дека разбира оти партиите имаат интерес да ги искористат сите ситуации за стекнување на политички поени, но дека екогаш тоа ги преминува сите граници.
„Се испоставува дека веќе нема фокус за вистинските интереси на државата. Тие треба да се произнесат пред нивните гласачи. Според мене, ова покажува неискреност во дејствувањето, рече Османи.