ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува спречувањето на новинарите од новинската агенција Курир и радио Лидер во вршењето на својата професионална задача. Ваквото тоталитарно однесување од страна на одговорните лица во кабинетот на Ковачевски само ја покажува вистинската слика за односот на владата и Ковачевски кон новинарската фела, велат од партијата.
-Токму заради ваквите настани, Македонија со години тоне во рангирањето на сите релеватни меѓународни извештаи во однос на демократијата и владеењето на правото.
После денешниот скандал, со спречувањето на новинарите во својата работа, се поставува прашањето, од што бега Димитар Ковачевски и зошто се плаши од прашањата на новинарите.
Дали се плаши да одговори на прашањето за што е договорено и што му е ставено на маса после вчерашната средба во Тирана?
Ова не е прв инцидент на кабинетот на Ковачевски при неговите јавни настапи. На секоја прес конференција, новинарските работници се спречени и ограничени при поставувања на прашања кон премиерот и министрите во оваа антидржавна власт.
Друг сличен инцидент имаше и кога новинар од национална телевизија доби закани од обезбедувањето на премиерот, дека ќе биде уапсен, заради поставено прашање кон Ковачевски.
Ги повикуваме сите надлежни институции, како и новинарски здруженија да реагираат на ваквиот непрофесионален однос од страна на кабинетот на Димитар Ковачевски.
На ваквото тоталитарно однесување, како и на забеганоста на власт за многу брзо ќе и дојде крајот, на следните предвремени парламентарни избори на кои СДС и ДУИ катастрофално ќе ги изгубат, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.