Антикорупциска ќе достави дополнителни докази до Обвинителството, кои според нив, потврдуваат дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски три месеци не го потпишувал решението за да ѝ се одземе работната дозвола на станицата за технички преглед каде „Беса транс“ ги носела и своите автобуси, пренесува Алсат-М.

Од Антикорупциска велат дека иако од контролите на надлежните било утврдено дека фирмата „ВИА КОМЕРЦ“ не ги исполнува условите за работа, бидејќи вработените не се компетентни и квалификувани стручни лица за вршење на технички контроли и работната дозвола треба да им се земе за 30 дена, Спасовски три месеци не го потпишувал решението. Тоа го сторил три дена откако веќе се случи трагедијата во Бугарија каде животот го загубија 45 лица.

„Од самата инспекциска контрола до потпишувањето на прекинот на работа поминале три месеци, што значи дека не е направено навреме, што значи дека во тој период, од инспекциската контрола, до одлуката за стопирање на техничките контроли, извршена била техничка контрола на горенаведениот автобус…“, рече Шемши Салаи, Антикорупциска.

Од Антикорупциска велат дека ќе побараат Владата да покрене иницијатива за одговорност против Оливер Спасовски, бидејќи се прекршени низа одредби со кои се загрозила безбедноста во сообраќајот.

„Прекршени се низа одредби за безбедност во сообраќајот, а дали министерот намерно или ненамерно не го потпишувал решението на време и дали имало некакво влијание или корупција во таа постапка, според доказите што ги добивме, не е докажано, но од друга страна, прекршени се одредби, решението останало непишано три месеци и се случи тоа што се случи“, додава Салаи.

На 23 ноември 2021 година на автопатот Струма во Бугарија автобус на „БЕСА ТРАНС“ излета од патот и се запали. Во него имало патници од Македонија кои се враќале од Истанбул. Од 45-тте патници, трагедијата ја преживеаја само 7.