Преговорите со Алијанса за Албанците за приклучување и на оваа партија во владината коалиција се завршени. Денеска се чека одговорот на Алтернатива, по што би требало да се објават и официјалните информации за новата коалиција и за новите кадровски поместувања. АА успеа да испреговара три министерски места, за здравство, за правда и за информатичко општество.
Сè уште немаме конкретен предлог на маса за да можеме да ги дефинираме нашите позиции во идната влада, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали, кој е од Алтернатива.
Министерот додаде дека доколку има проширување на мнозинството, сè уште немаат информација ниту кои се позициите кои Алијанса за Албанците ги има обезбедено и затоа, како што рече, „не можам да коментирам кои се нашите позиции“.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска го информираше претседателот на Алтернатива Африм Гаши за преговорите со Алијанса за Албанците.
„Алтернатива е значаен партнер на Владата. Имам исклучително високо мислење за сите коалициски партнери. Ќе разговарам со Алтернатива, со Гаши со неговите колеги и се надевам на позитивен исход од разговорите за да може сите заедно да продолжиме кон градење на коалиција која се залага за европска Македонија“, изјави вчера Ковачевски.
Освен секторите здравство и правда, како што дознаваме, АА ќе предложи и министер за информатичко општество и администрација. Нов министер за здравство би бил инфектологот Фадиљ Цана, а за правда Кренар Лога, актуелен член на ДИК.
Освен тоа, Алијанса за Албанците успеа да испреговара и неколку раководни позиции во УЈП, финансиска полиција, царина.