Пет авиони со хуманитарна помош испраќа Грција до Турција преку Европскиот механизам за цивилна заштита, по силниот земјотрес што ја погоди земјата во понеделникот, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Хуманитарната помош содржи здравствен и медицински материјал, како и 7.500 ќебиња, 1.500 кревети и 500 шатори.

Ќе биде испратена со пет лета на грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“, која ќе покрие 25 проценти од трошоците, додека пак останатите 75 отсто ќе бидат покриени од Европскиот механизам за цивилна заштита.