Младиот фудбалер на Газиантеп, Аднан Мухамет Коркут (17) е еден од преживеаните во разорниот земјотрес што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија, а спасувачките тимови стигнаа до него по 94-часовна потрага.

Во исповед за турските медиуми, тинејџерот рекол дека преживеал јадејќи цвеќиња што ги одгледувала неговата мајка во станот на петкатница што се урнала во Газиантеп.

-Лежев меѓу урнатините во дневната соба. Беше студено, па се покрив со ќебе да се загреам. Нозете ми смрзнаа, ги пренесува турскиот „Хуриет“ зборовите на младиот фудбалер.

 

-Не знаев каде ми е телефонот, го најдов кога се вклучи алармот. Го местев алармот да ѕвони на секои 25 минути за да не заспијам. Очајнички ги чекав спасувачите и одеднаш се слушнаа гласови. Имаме кученце, потоа го слушнав неговото лаење. Неговото лаење стигна до спасувачот, но не и мојот глас, мене не можеа да ме слушната, ја објаснува драмата низ која минувал Аднан.

Вели дека бил многу гладен, а јадел цвеќиња кои ги одгледувала неговата мајка.

-Ги јадев цвеќињата што мајка ми ги чуваше за да го наполнам стомакот. Бев многу жеден. Последен пат се обидував да пуштам глас… Потоа зедов стап и чукав по таванот, стапот се скрши… Не можев да зборувам, но фала му на Бога, потоа видов светлина од дупка во далечината и луѓе кои ме викаа. Ме прашаа дали можам да стигнам до тој излез, но тоа беше невозможно. Чекав пет часа да го расчистат шутот малку и јас дојдов до нив, вели Аднан.

Бројот на загинати во разорните земјотреси што во понеделникот ги погодија Турција и Сирија достигна над 25.000, соопштија властите.