Денеска, организаторите на „ОФ Фест“ се откажаа од организација на овогодишното издание на фестивалот за кој добија нешто над 1 милион денари, со образложение дека парите се недоволни.
Се надевам дека организаторот на ОФ Фест ќе се премисли и ќе ја искористи жалбата како правен механизам да реагира, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Секој има право на жалба. Лани имавме долг период на ребаланс на буџетот, два и пол месеци беше во Собрание. Не е точно дека требало да дојде ноември за да легнат средствата. Направив едно мало истражување и во 2019, ОФ Фест добиле 1 милион денари, поднеле жалба, и добиле уште 1 милион денари. Вкупно 2 милиона денари. Правото на жалба секој има право да го користи, онаму каде секој смета дека сумата од икс причини не е таа што треба да ја добијат и треба да добие повеќе, и тоа е право на жалба која почнува да тече 15 дена откако ќе го добијат решението. Бидејќи жалбата се поднесува електронски, се скратува периодот за одговoр на жалбата, кој исто така ќе трае 15 дена, рече министерката на денешниот брифинг со новинарите.