Врсничко насилство, емоционална вознемиреност, прекршени права што спаѓаат во категоријата семејни односи, непристапност до образование и здравствена заштита, неможност да се добие потребната медицинска помош и неопходна здравствена заштита, ова се проблемите кои ги регистрира „Ало Бушавко“ – телефонот за деца и млади овозможен од страна на Првата детска амбасада „Меѓаши“.
Како што информираа претставниците на „Меѓаши“ на денешната прес-конференција, забележана е застапеноста на четири теми – ментално здравје, повреда, семејни односи и пристапност.
Во рамките на првата тема – ментално здравје, најголем дел од јавувањата се однесуваат на емоционална вознемиреност – проблеми со гнев, страв и вознемиреност, како и проблеми со расположение, кои се јавуваат како последица од другите категории на проблеми пријавени на АлоБушавко.
Во рамките на втората тема поголем дел од јавувањата се однесуваат на проблеми од категоријата на ментално/емоционално насилство, физичко насилство и занемарување (негрижа).
Во однос на ова претседател на Меѓаши, Драги Змијанац информира дека меѓуврсничкото насилство било присутно во толку голема мера што некои родители размислувале да се отселат во друга држава.
За третата тема – семејните односи, јавувањата се однесуваат на проблеми и прекршување на правата поврзани со семејните односи.
Во рамки на четвртата тема – пристапност, опфатени се повеќе категории проблеми и тоа: пристап до образование, основни (суштински) потреби што не им се достапни на децата и проблеми со пристап до здравствена заштита, неможноста да се добие потребната медицинска помош и неопходна здравствена заштита.
Змијанац рече дека пријавувањето на проблемите е добро бидејќи укажува на зголемена храброст да се пријави, но е и показател дека некои работи се повторуваат, поради што е потребна зголемена едукација и советувалишта.
Од „Меѓаши“ соопштија дека во текот на 2022 година, заклучно со 27 декември, добиени се вкупно 357 дојави, врз основа на кои дополнително се остварени 619 разговори. Вкупниот број на деца и млади кои се јавиле на телефонот АлоБушавко изнесувал 450.