Надгробната плоча на гробот на Тодор Паница, учесник во македонското ослободително движење и еден од основачите на ВМРО (Обединета), е донесена во Музејот на Македонија, благодарение на Петар Кајевски, Дарко Стојанов и Марија Милчин, Македонци кои живеат во Виена. Неверојатната приказна за патот на плочата од Виена до Скопје, за САКАМДАКАЖАМ.МК ја раскажа Кајевски, кој работи како менаџмент и ИТ консултант во Виена.

„Наместо да заврши како подлога за асфалт или да биде во Националниот историски музеј во Софија, плочата ќе биде дел од колекцијата на Музејот на Македонија“, рече Кајевски.

Паница бил убиен во Виена во 1925 за време на претставата „Пер Гинт“ во виенскиот „Бургтеатар“ од Менча Карничу, која подоцна му станала сопруга на Ванчо Михајлов. Роден 1879, Паница е учесник во македонското ослободително движење, член на Македонската револуционерна организација, приврзаник на Серската група, еден од организаторите на Народната федеративна партија и еден од основачите на ВМРО (Обединета).

Тој е погребан на Централните гробишта во Виена, а правото за користење на гробот истекло во 1991. Гробовите со истечени гробни права се толерираат неколку години, но потоа се затвораат, а надгробните споменици се продаваат, да бидат употребени за нови надгробни споменици или како градежен материјал.

По некоја случајност, гробот бил поштеден од правилата речиси две децении, и бил обележен со црвен „икс“, знакот за претстојно отстранување, дури некаде во 2019 или 2020 година.

Знакот го привлекол вниманието на новинарот Отмар Лаходински, кој напишал текст за Паница во весникот „Ди пресе“.

„Никогаш претходно не го забележав белиот надгробен споменик што го открив на Денот на сите светци на Централните гробишта во Виена, близу гробот на моето семејство. Но, овојпат тој имаше црвена белешка за неговото претстојно отстранување. Тука почива Тодор Паница, кој почина на 8 мај 1925 година, пишува на гробот, а местото на смртта е Бургтеатар, Виена… Гробот на Тодор Паница наскоро ќе биде затворен. Бугарскиот амбасадор Иван Стојанов Сираков, кој ме извести за ова, во меѓувреме го посети гробот и сега чека инструкции од Министерството за надворешни работи во Софија. Тој размислува да ја демонтира белата надгробна плоча и да ја премести во музеј во Софија. Доколку неговиот колега од Северна Македонија не изнесе некакви претензии“, пишува познатиот австриски новинар во 2020.

Ангажманот на тројката околу Паница не завршува со донацијата во Музејот. Следен чекор е истражување за имињата на „серските другари“ кои, како што пишува на плочата, го подигнале гробот на Паница во Виена.

Целата вест може да ја прочитате ТУКА.