Заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, ги повика Македонија и другите земји од регионот на Западен Балкан навистина да се борат со корупцијата бидејќи, според негова оценка, таа е одлучувачка за нивниот натамошен економски и демократски развој. Тој не сакаше да најави конкретно дали и кога ќе има црна листа за лица од Македонија бидејќи политика на САД, како што рече, не е да ги најавуваат санкциите и ваквите потези.Тој нагласи дека САД ги користат санкциите за да се борат со корупцијата не само во регионот на Балканот туку и пошироко, додавајќи дека дека најдобар начин за борба против ова зло сепак не е преку воведување американски санкции, туку преку домашните обвиненија и јакнење на владеењето на правото.
-Нашите санкции не се замена за домашните процеси и за домашните институции кои се таму за да промовираат владеење на правото. Ги охрабрувам владата на Македонија и на другите земји во Западен Балкан навистина да се посветат на борбата против корупцијата. Ова е единствено нешто што го споделуваат сите земји во регионот. Корупцијата е главен проблем и таа е штетна за нивниот демократски и економски развој, порача Ескобар.
Тој се огради дека негова надлежност не е Бугарија за да може да ги коментира конкретно проблемите што ги продуцира таа кон Македонија, вклучувајќи и закана за ново вето во ЕУ, но нагласи дека двете земји се вредни НАТО партнери и тој би сакал да имаат продуктивни и мирни односи.
-Ние силно се залагаме интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ да биде што е можно побрза и ќе подржиме се што ќе ја доведе земјата таму на брз и мирен начин. Ние исто така ќе продолжиме да работиме со Владата на Македонија за да ги помогнеме нејзините аспирации. Таа е екстремно добар НАТО сојузник и јас можам да ги уверам европските лидери дека таква ќе биде и како членка на ЕУ – ќе биде продуктивна, доверлива и солидна земја членка на ЕУ, рече Ескобар.