„Монструми“, „стока“, реагираат граѓани на снимката од скопските улици на која се гледа како автомобил буквално влече коњ кој е врзан за кука од возилото. Коњот изнемоштен повеќе не може да фаќа чекор со автомобил па паѓа од изнемоштеност. На снимката која ја објави агенцијата Макфакс се гледа како три лица излегуваат од автомобилот и го креваат и принудуваат коњот да продолжи да оди за да не прави застој во сообраќајот.
На видеото видлива е регистрацијата на возилото за кое е врзан коњот, па лесно може да се пребара во евиденцијата на полицијата, реагираат граѓаните на ова видео и бараат надлежните итно да преземат мерки против лицата инволвирани во нехуманото постапување.
„Не ни се излегува од дома веќе, кај и да тргнеш повредено куче, згазено, скапано на улица муво го јадат. Одиш по пат, кутриња еден куп трчаат гладни, мислат дека некој нешто ќе им даде (за возврат добиваат куршум нели ние сме див Запад), коњи заврзани за коли се влечат по улица, грозна е сликата да излезеш и прошеташ“, се вели во еден од коментарите на социјалните мрежи.
Случајот со изживување врз коњи кои се учесници во сообраќајот во главниот град, за жал не е единствен, но судејќи според полициските билтени во кои се казнуваат возачи на моторни возила за разни сообраќајни прекршоци, изгледа се изземени управувачите со коњски запреги.
Во мај минатата година во Дебар Маало коњ беше оставен на тераса од стан во напуштена зграда, по што реагираше Град Скопје и Зоолошката градина каде е пренесено животното откако било ослободено од станот каде бил врзан и оставен без храна и вода.