Сè почесто седнуваат зад волан без положен возачки испит и валидна дозвола. Полицијата месечно открива, речиси, по 200 диви возачи на подрачјето на СВР Тетово, претежно млади лица, но и малолетници, кои најчесто управуваат автомобили, но и комбиња и камиони. Има и случаи кога се учесници во сообраќајни несреќи.

Тетово предничи пред Гостивар со 1.728 казни за 12 месеци.

„Полициските службеници на СВР Тетово во текот на минатата 2022 година по поширокиот полошки регион вкупно откриле и санкционирале вкупно 2.364 лица, односно возачи кои управувале возила без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа. Во првите два месеца од годинава, бројот на ваквите мерки изнесува 360 (ТЕ-260 и ГВ-100)“, информира Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Прекршителите се казнуваат со 250 евра, а иста глоба ги очекува и сопствениците на возилата кои им ги дале да ги управуваат, иако знаеле дека немаат дозвола. Граѓаните сметаат дека треба да има построги санкции, зашто лицата ќе ја платат казната и го повторуваат делото.

Инаку минатата година санкционирани биле и 453 возачи почетници кои не се придржувале кон законските ограничувања за оваа категорија учесници во сообраќајот.