Универзитетската професорка, воедно и претседател на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска смета дека власта имала доволно време од првите дојави за експлозивни направи во училиштата, да се организира и да изнајде решение за кое би се организирале и би соработувале повеќе министерства и институции, како Министерство за внатрешни работи, Министерство за труд и социјална политика и Министерство за образование со цел безбедно реализирање на наставниот процес.
„Проблемот е што не се најде решение, а проблемов трае веќе четири до шест месеци во зависност од училиштата. Тоа беше сосема доволен период да се организираат не само едно, туку повеќе министерства, бидејќи факт е дека треба да соработуваат повеќе министерства, вклучувајќи го МВР, нешто помалку труд и социјала бидејќи вообичаено градинките се помалку нападнати и се разбира МОН“, рече Јаневска.
Во нејзиното денешно гостување на Радио Лидер, Јаневска посочи дека за да се реши проблемот со дојавите за бомби, пред се во училиштата, треба волја, треба знаење, треба умеење, треба вештини, додавајќи дека не гледа во ниедно од овие министерства кои ги спомнува да има такво нешто.
„Сосема сум согласна дека оваа Влада не владее, односно таа владее за своите потреби, се обидува што е можно подолго да да остане на власт, од непознати причини“, истакна Јаневска.
Јаневска посочи дека она што се случува е многу жално, затоа што образованието е во комплетен колапс и од власта конечно, после четири, пет месеци дадоа некави насоки кои што воопшто не се соодветни.
„Една од насоките беше дека кога во училиштето ќе има дојава за бомба во рок од еден саат треба да стигнат сите дома и да почнат со оннлајн настава, што е реално невозможно. Затоа што и на наставниците и на учениците им треба повеќе од еден час и се договорија некако наставниците и учениците дека тоа ќе го прават после два часа. И не заборавајте дека превозот во Скопје. Уште пострашно е што не сите деца имаат технолошки средства за да следат онлајн настава“, укажа Јаневска.