Премиерот на Косово, Аљбин Курти, порача дека на 18 март на разговорите во Македонија оди со добра намера, со добра волја, да ги нормализира односите меѓу Приштина и Белград.
„Основниот договор кој го предложи Европската Унија е солидна точка да се тргне напред и се надеваме дека ќе го направиме тоа на 18 март“, кажа Курти во интервју за Еуроњуз.
Во врска со исполнувањето на претходната обврска за формирање Заедница на српски општини на Косово, тој се повика на косовскиот устав, кој, како што оцени, не може да поддржи едноетнички ентитет како асоцијација на општини со српско мнозинство.
„Значи, ова не би поминало на нашиот уставен суд, како што не помина ни на судот за човекови права во Стразбур“, кажа тој.
Курти додаде дека како премиер на сите граѓани сака да ги задоволи сите според нивните права, потреби и барања, па истакна дека затоа зборува за самоуправување на српската заедница.
Тој кажа дека би требало да се оди напред кон интеграција во ЕУ со почитување на секој поединец, без оглед на потеклото, земајќи ги предвид посебностите на етничката припадност и културата. Тој додаде дека самоуправувањето го гледа во смисла на „полна функционалност, а не во смисла на територијалната позиција“.