МЗТ Скопје Аеродром го забележа 11. гостински пораз од исто толку натпревари во АБА лигата, овојпат македонскиот шампион загуби на гостувањето кај Мега Баскет со 93-86.

Нашиот тим одлично го отвори резултатот, ја доби првата четвртина со 27-22, а вториот период го почна со тројка и највисока предност од осум поени разлика, но потоа се тргна во надолна линија.

Мега уште на полувремето имаше предност од шест поени разлика, која до крајот само рутински ја одржуваа за конечна победа од 93-86.

Најефикасни за МЗТ беа Мајкл Кафи и Кеандре Кук со по 15 поени, додека Абдул Малик Абу додаде 12 поени. Во составот на Мега Никола Ѓуришиќ со 20 поени и Матеј Рудан со 19 поени беа најдобри.

Следен натпревар на МЗТ Скопје е на 18. март против Игокеа во салата „Јане Сандански“, тоа ќе биде меч кој мора да се добие.